Затегнатост на празнината

Сликарското платно е премногу круто. Имам чувство дека каменот е многу ладен, а дрвото топло, железото остро, а видеото манипулативно. Ова се само моментални изливи на чувства… Еден навидум неконвенционален ликовен материјал веќе втора година го тегнам, растегнувам, стегам и затегам воодушевувајќи се на секој набор создаден од две или повеќе точки. Ликра… или Spandex е материјалот кој ми овозможува со негово распнување и затегање да го претставам притисокот кој се чувствува низ современото живеење.Прочитај повеќе

Опкружени сме со премногу сервирани информации кои треба да се голтнат и кои секојдневно ни кажуваат, како треба да се однесуваме и што треба да правиме. Завиени во разни форми и бои, ни ги откриваат многу посакуваните тајни на успехот кон кои треба да се стремиме. Што е пристоен, а што нормален живот? Што е лошо, а што добро по нашето здравје? Разни анализи и истражувања во прилог на индустријализмот и неговиот профит.

Растегнат помеѓу информацијата и сомнежот за вистината, изложен на секојдневниот притисок кој создава нови набори во друга форма и поинаква боја, се создава нова свесна и несвесна композиција за сопственото постоење и опкружување. Со секое затегнување помеѓу две или повеќе нешта ликрата дефинира или пак прикрива, образувајќи мистичност за нештото. 

Создадените набори, колористичните и интензивни бисерни тонови го мамат погледот задржувајќи го нa површина на делото. На тој начин визуелната вибрација е делимитирана во нејзината љубопитност и восприемање. Оттука ниту делото, ниту пак набљудувачот се откриваат во суштина. Само една кратка и површинска сензација исполнета со потсвесни сеќавања, поминува и исчезнува во еден меѓупростор од затегната празнина.

previous arrow
next arrow
previous arrownext arrow
Slider