Политичка лиричност (Пештерски цртежи и објекти)

Мултидисциплинарен уметник чиј творечки опус припаѓа на различни области на уметноста, а уметничките форми на неговото визуелно изразување се присутни низ скулптурата, графиката, кинетиката, инсталацијата, дигиталните медиуми, како видеото и фотографијата. Read more

Со леснотија преминува од еден во друг медиум или материјал, воспоставувајќи поефективна врска со идејата (намерата) и надворешниот свет. Единствено како целина, четирите фактори: простор, време, форма и намера, пројавуваат доследност во творештвото, сè останато повременого вклучува или исклучува. Политичката, социјалната и еколошката сфера се ангажирани во неговото творештво, каде со ненаметлив сензибилитет и алузија за проблемот ги трансформира општествените дискурси во алтернативни визуелни облици. Главниот интерес го насочува кон следењето на општествените промени, како локалните, така и глобалните, каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид коментар, кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.
Со фабулата околу аерозагадувањето, каде во повеќето случаи тоа е антропоген процес, настанат како последица на човековите активности во животната средина, кои имаат негативен ефект врз атмосферата, уметникот како реципиент и филтер низ овие општествени промени ја преточува темата и идејата која не со пишан збор,туку преку визуелната уметност, во овој случај сликата и стаклените објекти, поседува моќ да ги актуелизира темите кои стојат на маргините.
Делата собрани под наслов ,,Политична лиричност“, најчесто на дведимензионална површина, создадени од чад и боја, претставуваат апстрактни композиции со отворена и формална јасност, со забележливи движења на четка како капење, прскање и исипани широки површини од боја. Во текот на целиот процес, површината и бојата се надополнуваат со чадот кој замаглува, некогаш дефинира форми и создава длабочини.Чадот, како важен ликовен елемент, ја гради и дополнува композицијата во самото дело на истиот принцип како што чадот од согорените отпади го креира секојдневието во нашите животи. Различни материјали со секундарна важност, кои во себе носат специфични карактеристики, насочени и обликувани во необичен и впечатлив лик, ја доведуваат идејата полесно да се инкорпорира во делото.
Создава визуелност каде не е рефлектирана класичната идеја, акцентот ѝ припаѓа на материјата која сведочи за настанот и намерата, зазема апелациски лирски став, дава порака, еден глас кој се обидува да стигне до јавниот етер. Критиката е насочена за сегашната пасивност кон видливите проблеми со кои се соочуваме и неажурноста на институциите кон посочените проблеми и несовесноста на поединци, кои придонесуваат за апатичната состојба во која се наоѓаме. Преку делата, отвора простор за поставување прашања и воспоставување на дијалози, без разлика дали ќе има одговор или не.
Низ оваа комбинација и естетска визуелизација, уметникот нè преиспитува и прашува:
Дали загаденоста треба да ја прифатиме како нешто нормално во нашето секојдневие? Дали апатијата кај индивидуата во однос на институцијата е толку голема?
Дали навикнавме јаглеродниот диоксид и разните токсични гасови да бидат дел од нашата „општествена слика“. И дали е возможно присуството на јаглеродниот диоксид да биде реална лирска творба во нашето секојдневие, како што се овие апстрактни дела.
Кованцалиев, преку ,,Политична лиричност“, укажува и на конзумеризмот и бројните малформации од социолошки аспект, каде делата, сите заедно, се плод на вклучениот аларм на повеќе организации и поединци, кои неуморно говорат за аерозагадувањето и лошата состојба во повеќе градови низ Европа и светот, а особено во Р.С. Македонија.
Специфичната појава, препознатливиот пристап, фасцинантните истражувања и оригиналните резултати се карактеристиките на Перо Кованцалиев. Неговата уметност, доведена до префинетост, зрачи со хармонија, доведува и доживува лични катарзи полни со чувства и емоции. Таа е резултат на досегашното креативно истражување на уметникот во барањето на нови медиуми и различни форми на изразување. Забележително воздржани, далечни или блиски, тивки или динамични, делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелни пораки кон набљудувачот, будејќи храброст и доживување, давајќи поттик и мотивација.
Севкупната инкорпорација на идејата, концептот и резултатот, слободата и виртуозноста, обично ги карактеризираат делата на Кованцалиев. Тој е уметник кој ѝ дава исклучително значење на естетиката на визуелната перфекција на делото. Со доследна продукција и постојано потврдување на неговата уметничка појава, тој го потврдува своето место во светот на современата уметност. Неговите дела до крајна консеквенција го промовираат и го дефинираат како воспоставен уметник со суптилна чувствителност, кој егзистира со своја автономна креативна територија, што ја воведува публиката во простори, светови и димензии исполнети со уникатна уметничка аура.

Александар Каракабаков

previous arrow
next arrow
previous arrownext arrow
Slider